Top Sport

Ждрепка во Нион за баражите и домаќините на финалните мечеви

Денес во 12 часот, во седиштето на УЕФА во Нион ќе се одржи ждрепката за баражите во Лигата на нации, во групите Б и Ц. Важно е што со ждрепката ќе бидат одредени и домаќините во финалните натпревари во секоја од четирите групи во Лигата на нации.

Пласман на ЕУРО 2020 преку квалификациите веќе обезбедија 20 репрезентации. Листата на учесници ќе биде комплетирана во март идната година кога ќе се одиграат баражите во Лигата на нации.

Македонија има можност преку овие баражи прв пат во историјата да избори пласман на континенталното првенство во сениорска конкуренција. Противник во полу-финалето на Македонија ќе и биде Косово, а во евентуалното финале во Д-групата противник ќе и биде Грузија или Белорусија.

Како и во Д-групата веќе се познати и двојките за полу-финалето во Б-групата. Босна и Херцеговина ќе игра против Северна Ирска, додека Словачка ќе игра против Република Ирска.

Малку се необични и комплицирани комбинациите што можат да настанат во ждрепката за групите А и Ц.

Во Ц-групата веќе е познато дека Норвешка ќе ја пречека Србија, додека ждрепката ќе одреди дали Шкотска ќе игра против Бугарија, Израел, Унгарија или Романија.

Три од четири репрезентации што нема да бидат извлечени да играат против Шкотска ќе одат во баражот во А-групата каде чека селекцијата на Исланд.

Scroll to Top