Најдобрите години на Нејмар се минато, смета Давид Жинола, кој додава дека Пари Сен-Жермен не завршиле никаква работа со продолжувањето на неговиот договор доколку не успеат да го убедат и Килијан Мбапе да потпише.
29-годишниот Нејмар минатата недела потпиша нов четиригодишен договор со ПСЖ, кој вклучува опција за уште една сезона, но Жинола, поранешниот француски фудбалер на ПСЖ и Тотенхем, смета дека Мбапе треба да е првата цел.
„За да се освојуваат трофеи потребно е да имате стабилна група на фудбалери. Добро е што ја добија лојалноста на Нејмар, но мислам дека се завршени деновите кога е освојуваа титули со еден фудбалер, како со Платини и Марадона. Без Килијан Мбапе не завршиле ништо. Нејмар има 29 години, најдобрите години се зад него. Мбапе е млад, талент, момче со огромен потенцијал, кој е на 60 отсто од своите способности“, вели Жинола.
Нејмар оваа сезона пропушти дури 19 натпревари поради повреди, и има 16 гола и 10 асистенции во 29 меча за ПСЖ, додека Мбапе ја има најдобрата сезона досега во ПСЖ со 37 гола во 43 меча.