Top Sport

Жиру: Господ ме донесе во Милан

Францускиот напаѓач Оливие Жиру вели дека во неговото пристигнување во Милан има и нешто посебно, објаснувајќи дека „Господ сакаше да потпишам за овој клуб“.

Жиру пристигна од Челси во договор кој долго време се најавуваше, и откако постигна гол во првиот пријателски меч за „росонерите“ денеска се претстави на прва прес-конференција пред италијанските медиуми.

„Кога бев млад ги гледав мечевите на Милан со Андриј Шевченко и потоа тој ми стана близок пријател кого го прашав за совет за иднината. Како да не ти биде чест да бидеш во клуб каде што играле такви фудбалски ѕвезди. Бев емотивен кога првпат зборував со Паоло Малдини. Сакам да донесам искуство во тимот, да бидам голем брат и да бидам запаметен не само како добар играч, туку како добар човек“, вели Жиру.

Тој направи „ризичен“ потег и го избра дресот со број 9, кој неславно во Италија се смета како „отровен“ по пензионирањето на Пипо Инзаги, откако многу засилувања не ги оправдаа очекувањата.

„Не сум суеверен, дресот не може да го смени начинот на кој играм. Овој дрес го носеа напаѓачи како Инзаги, Ван Бастен и Папен, така што нема притисок. Освојував трофеи со клубовите во кои бев и сакам да продолжам и тука. Дојде време да си отидам од Челси, а Господ сакаше да играм за Милан, еден од најголемите клубови на светот со вистински проект“, додава Жиру.

Scroll to Top