Оливие Жиру не може да престане да зборува за Карим Бензема и покрај тоа што имаше својот 100. настап за француската репрезентација во петокот, кога го постигна 41. и 42. гол во националниот дрес за да дојде на второто место на вечната листа.
Пред мечот, тој изјави дека би сакал Бензема да се врати во репрезентацијата, откако напаѓачот на Реал Мадрид последен пат играше во октомври 2015 и потоа не е повикан поради скандалот со наводната уцена на соиграчот Матју Валбуена. Ривалството се „разгоре“ оваа година кога Бензема се спореди себеси со Формула 1, а Жиру со картинг.
„Секогаш мене ме обвинуваа за отсуството на Карим. Има некое ривалство кое некои луѓе го туркаат. Коментарот со картинг? Ме насмеа, бидејќи добро го познавам. Не се лутам за ништо. Мојата кариера со Франција можеби ќе беше подобра ако играв со него“, вели 34-годишниот Жиру.