Top Sport

Животна драма на Казорла: Требало да му биде ампутирана ногата

Фудбалерот на Арсенал и шпанската репрезентација Санти Казорла, кој е надвор од тимот уште од октомври минатата година, се очекува да се врати на фудбалските терени на почетокот на 2018 година. Арсен Венгер со нетрпение го очекува враќањето на Казорла, која се наоѓа на рехабилитација во Саламанка.

Врз Казорла во изминатата година биле извршени осум операции, останал без осум сантиметри од тетивата во ногата, но со неверојатната волја и напор на лекарите тој повторно ќе игра фудбал.

Инаку, весникот „Марка“ во своето денешно издание ја објави животната драма на Казорла, односно дека фудбалерот бил многу блиску да остане инвалид бидејќи во еден момент лекарите размислувале да му ја ампутираат десната нога.

На насловната страница на „Марка“ се гледа повредената десна нога на еден од најдобрите шпански играчи од средниот ред во последната деценија, кој, за жал, нема среќа со повредите.

Санти Казорла се повреди минатиот октомври на натпреварот со Лудогорец во Лигата на шампионите, поради што морал да замине на рутинска операција. Меѓутоа, она што требало да биде рутинска операција се претворило во вистински кошмар за 32-годишниот фудбалер.

По операцијата тој добил некаква инфекција која се претворила во гангрена, поради што лекарите сериозно размислувале да му ја ампутираат ногата.

„Првите резултати се исклучително позитивни, но ќе мора да внимаваме со неговото враќање на терените бидејќи не играл фудбал една година. Ќе биде потребно да одигра неколку натпревари за резервниот тим, а јас лично се надевам дека до Божиќ ќе почне да тренира со првиот тим“, рекол менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер.

Казорла во Арсенал пристигна во 2012 година од Малга за 20 милиони евра. За Арсенал има одиграно 180 натпревари на кои забележал 28 асистенции и постигнал 49 голови.

Scroll to Top