И покрај тоа што ова лето најмногу се зборуваше за неостварените трансфери на Пол Погба и Нејмар во Реал Мадрид, Зинедин Зидан и „кралскиот“ клуб за следното лето имаат само една цел – да се донесе неверојатниот Килијан Мбапе во шпанската престолнина, јавува шпанскиот весник „Спорт“.
Претходно се сметаше дека Зидан најмногу жали што не успеал да го донесе Погба во клубот, но сега наместо по Нејмар ќе оди по помладиот колега на Бразилецот.
Сепак, да се донесе 20-годишниот Мбапе, кој минатата сезона имаше 39 гола во 43 настапи за ПСЖ ќе биде екстремно скапо, бидејќи сигурно катарските газди на клубот од Париз нема да го пуштат за под 300 милиони евра, сума која ова лето ја побаруваа за Нејмар. Мбапе има договор со клубот до 2022 година, и засега ги одбива барањата да потпише обновен (и збогатен) договор.
Според шпанските извори, Зидан веќе успеал да го убеди својот млад сонародник да дојде во Мадрид, а интересно при презентацијата на Еден Азар во Мадрид дел од навивачите го извикуваа името на Мбапе.