Тоа што требаше да биде пеколна недела за Реал Мадрид и нивниот тренер Зинедин Зидан на крајот заврши како совршена недела – победи над Севилја и Атлетико Мадрид во Ла лига и триумф над Борусија Менхенгладбах во Лигата на шампионите.
Зидан не го криеше воодушевувањето од Лука Модриќ и Тони Крос за нивната добиена битка против Атлетико при 2:0 победата, сметајќи дека тие ја вратиле својата најдобра форма. Касемиро, Модриќ и Крос стартуваа заедно во Ла лига само третпат оваа сезона за импресивна победа. Крос беше посебно импресивен со комплетирани 87 од 90 додавања, најмногу во мадридско дерби од 2005/06.
„Ги искористивме Модриќ и Крос да најдеме начин за победа, тоа е вистина. И кога игравме брзо од едната до другата страна и во дијагонала најдовме начин за победа. Тие се еб.но добри, тие се исклучителни. Но, и Бензема, Васкез, Карвахал, нашиот капитен Рамос, Варан… Сите се многу добри“, изјави пресреќниот Зидан, кој нема пораз во седум меча против Атлетико.
Со трите победи (1:0 над Севилја и 2:0 над Борусија), Зидан смета дека е рано за било какво славје.
„Потврдивме дека сме во добра форма, како и претходните два меча. Но, нема причина за славје, бидејќи уште не сме освоиле ништо. Имавме само една добра недела“, објаснува Зидан.
Реал се газди во Мадрид – Тимот на Зидан го урна лидерот во Ла Лига