Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан признава дека е под притисок по уште еден неубедлив натпревар во Копа дел Реј, откако во средата одиграа 2:2 со второлигашот Нумансија, иако имаа 3:0 предност по првиот натпревар.
Ова реми со „комбиниран“ тим доаѓа по 3:0 домашниот пораз од Барселона и неделното 2:2 реми со Селта Виго, по што суовите шпански медиуми повторно се прашуваа дали Французинот може да го задржи своето столче. Реал заостанува неверојатни 16 поени зад Барселона во Ла лига на четвртото место.
Зидан неодамна го продолжи договорот до 2020 година, но признава дека тоа не значи ништо ако лошата форма продолжи.
„Јас одам натпревар по натпревар, година по година. Не можам да размислувам за тоа што ќе се случи за две или три години, бидејќи знам како е тука, дури и со договор, кој не значи ништо. Не е лесно за тие кои играат помалку да блеснат во меч како против Нумансија“, објаснува Зидан.
Во моментов, дури и место во Лигата на шампиони следната сезона не е гарантирано, бидејќи шестопласираниот Вилјареал гостува кај Реал и заостанува само четири поени. Сè освен три поени против Вилјареал би значело практичен почеток на крајот за Зидан, иако тој освои неверојатни осум трофеи во двете години како тренер на Реал.
Коментарот на Зидан дека „нема да фрли никого во калта“ беше протолкуван како незадоволство од малкуте засилувања на тимот. Според медиумите клубот минатото лето ја повлекол понудата за Килијан Мбапе да не се вознемират Кристијано Роналдо, Карим Бензема и Герет Бејл, кои имаат комбинирани 10 гола во Ла лига оваа сезона.
Мбапе наместо тоа замина во ПСЖ, а Реал ги загуби Хамес Родригез и Алваро Мората, кои беа одлични од клупата минатата година. Во тимот пристигнаа младите Тео Ернандез, Дани Себалјос и Диего Љоренте, кои немаа многу простор во првиот тим.