Еден Азар нема да биде дел од тимот на Реал Мадрид за мечот со Атлетик Билбао, бидејќи не е целосно физички подготвен, потврди Зинедин Зидан.
Белгиецот доби незгоден удар при 1:0 победата над Еспањол и не беше во тимот за дуелот со Хетафе во четвртокот, а Реал се во совршена позиција да го зголемат водството на табелата на седум поени пред Барселона во недела со победа во Билбао и Зидан вели дека нема да ризикуваат со Азар за да не се влоши неговата состојба.
„Еден во моментов има проблеми и не сакаме да ризикуваме со него. Се надевам дека се работи за мала повреда и дека ќе го видиме на теренот пред крајот на лигата. Беше силен удар и не знаеме ништо повеќе. Лекарите го прават своето“, вели Зидан.
Првата сезона за Азар по трансферот од 100 милиони евра од Челси е одбележана со низа повреди и тој има само 13 настапи во Ла лига во 2019/20.
„Ситуацијата со Азар е непосакувана, најлошата за мене и за него. Ова е негова прва сезона и тој сака да помогне на тимот и нормално дека не е среќен кога не го прави тоа“, додава Зидан.