Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан признава дека му се допаѓа играта на ѕвездата на Пари Сен-Жермен, Нејмар, откако шпанскиот печат не престанува да го поврзува Бразилецот со кам-бек во Шпанија, овојпат во дресот на „Лос бланкос“.
„Не сакам да зборувам за играчите кои не се мои, но, околу Нејмар нема што многу да се каже, бидејќи сите на планетата го сакаат бидејќи е голем играч“, изјави Зидан пред неделниот меч од Ла лига против Депортиво Ла Коруња.
ПСЖ, кои ќе се судрат со Реал во осминафиналето од Лигата на шампионите, го добија Нејмар од Барселона минатиот август за рекордни 222 милиони евра, но постојано има извештаи за неговото наводно незадоволство во француската престолнина.
Нејмар постигна четири гола во 8:0 триумфот на ПСЖ над Дижон во средата, но беше исвиркан од навивачите откако не му дозволи на колегата Единсон Кавани да го изведе пеналот во финишот за да стане рекордер по бројот на голови пред Златан Ибрахимовиќ.
Реал се обиде да го донесе Нејмар додека тој беше играч на бразилскиот Сантос, но Барселона ја доби битката за неговиот потпис. Минатиот месец, претседателот на Реал, Флорентино Перез јавно му порача на Бразилецот да дојде во неговиот клуб ако сака да ја освои „Златната топка“.