По убедливиот триумф од 0:3 на Барселона на „Сантијаго Бернабеу“, многумина веруваат дека предноста на Каталонците пред Реал Мадрид е недостижна, но тренерите на двата тима велат дека ништо не е готово.
Позицијата на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид изгледаше апсолутно „гранитна“ пред неколку месеци, но сега со разлика од 14 поени, Французинот ќе биде под зголемен притисок.
„Почнавме добро и во првиот дел имавме вистински меч, затоа поразот боли повеќе. Правевме грешки, бевме слаби во одбраната… Но, нема да полудуваме. Ова е тежок пораз, но нема ништо да менуваме. Ќе ги поминеме божиќните празници со семејството, но ова не е готово“, вели Зидан.
И тренерот на Барселона, Ернесто Валверде се согласува дека победата не значи дека трофејот е освоен.
„Среќни сме бидејќи победивме голем тим на нивниот стадион. Ова е ’Ел класико’, секогаш важен меч. Но, ова е само првата рунда и има уште многу до крај. Победата не значи ништо, сè треба да се одлучи“, објаснува Валверде.