Златан Ибрахимовиќ вели дека луѓето кои му ја срушија статуата во Малме оваа година се на „ниво на деца од градинка“ и им порача дека неговата приказна ќе „остане засекогаш“.
Фудбалерот на Милан го навлече бесот на навивачите на неговиот поранешен клуб Малме, откако минатата година купи акции од лутиот ривал Хамарби, по што неговата статуа пред стадионот на Малме прво повеќе пати беше кршена, пред конечно во јануари да биде отстранета.
„Тоа е срамота. Тие сакаа внимание и медиумите да пишуваат за нив, тоа е ниво на градинка и сите сме поголеми од тоа. Статуата беше таа што беше, но тоа не значи дека и мојата приказна ќе биде турната, таа останува засекогаш“, вели 38-годишниот Ибрахимовиќ.
38-годишниот Златан дебитираше за Малме пред 20 години, но во ноември минатата година купи 25 отсто од акциите на Хамарби, клуб од престолнината Стокхолм. Тој сега вели дека бил „премногу добар“ со Малме, бидејќи им дал 100 милиони шведски круни (околу 9 милиони евра).
„Играв за Малме и направив многу за клубот, иако не бев добредојден и сакан. Тие треба да бидат благодарни и тие го знаат тоа“, вели Ибрахимовиќ, кој го напушти Малме во 2001 и потпиша за Ајакс.