Top Sport

АБА лига: Црвена звезда немоќна против Цедевита

Цедевита ја победи Црвена звезда 79:74 (19:18, 20:21, 24:22, 16:13) во дерби натпреварот одигран во рамките на петтото коло во регионалната кошаркарска АБА лига. По пет кола двата тима имаат по три победи и два порази, односно пораз повеќе од лидерот на табелата Будуќност.

Цедевита по серијата од четири порази на домашен терен во дуелите против Црвена звезда, конечно успеа да го победи бранителот на трофејот во АБА лигата.

Во Загреб двата тима, кои и оваа сезона, претендираат на висок пласман, одиграа израмнет и не многу квалиттетен натпревар, во кој беа изведени дури 58 слободни фрлања.

Цедевита мечот го реши во самиот финиш, откако во последните две минути нејзините кошаркари не поентираа од игра, но ги погодија сите осум слободни фрлања. Црвена звезда, која во петокот славеше над Барселона во Евролигата, немаше доволно свежина да го прекрши натпреварот на своја страна.

Македонскиот интернационалец Перо Антиќ мечот го заврши со 11 поени и 6 скока. Ист број на поени постигна и Фелдин, поен повеќе уфрли Бјелица, а најефикасен на белградскиот тим беше Рочести со 18 поени.

Кај победникот Муса маше учинок од 17 поени и 4 скока, а Вилсон постигна 13 поени.

Во наредното коло Цедевита на 28 октомври ќе гостува кај Мега Бемакс, а два дена подоцна Црвена звезда ќе го пречека македонскиот шампион МЗТ.

Scroll to Top