Top Sport

АБА: Нов домашен пораз за МЗТ

Кошаркарите на МЗТ загубија од Цибона 76:83 (22:22, 24:24, 19:21, 11:16) во последниот натпревар од петтото коло во АБА лигата. За тимот кој го предводи Александар Тодоров ова беше третиот пораз, втор по ред на домашен терен, во регионалната конкуренција.

МЗТ не успеа да ја материјализира големата победа во Лакташи над Игокеа во минатото коло, откако бодовите од „Јане Сандански ги однесе Цибона.

Трофејниот хрватски тим одигра нешто подобро во второто полувреме и на крајот ги искористи сите слабости во играта на МЗТ за да ја запише третата сезонска победа. Пресуди последната четвртина во која МЗТ постигна само 11 поени.

Исто така играчите на МЗТ нема решение за двоецот на Цибона, Жориќ-Томас, а првиот ги постигна решавачките поени на мечот на 46 секунди до крајот кога Цибона се одлепи на пет поени од противникот.

По мечот тренерот на македонскиот првак изрази жалење за двата врзани порази на домашен терен и најави освежување, односно нови играчи во тимот во наредниот период.

Трајковски со 25 поени беше најефикасен кај МЗТ, во чии редови се истакнаа и Лалиќ со 16 поени и 6 скока, односно Гарсија со 14 поени и 9 асистенции. Цибона ја предводеа Жориќ со 25 поени и 9 скока, односно Томас со 22 поени, 7 скока и 2 асистенции.

МЗТ во наредното коло ќе и гостува на Црвена звезда, а Цибона ќе го пречека Партизан.

Scroll to Top