Три американски колеџ-кошаркари се пуштени со кауција откако беа уапсени во Хангжу, Кина поради крадење во продавница на „Луј Витон“.
Играчите на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (УЦЛА) ќе ја отворат сезоната во НЦАА колеџ-лигата во Кина против уште еден американски тим, Џорџија Тек. Играчите се Коди Рајли, Лианџело Бол и Џејлен Хил. Бол е помлад брат на НБА-ѕвездата на Лос Анџелес лејкерс, Лонзо Бол.
„Знаеме дека постои одредена ситуација во Хангжу со студенти на УЦЛА. Универзитетот соработува со локалните власти и засега немаме друг коментар“, вели портпаролот на УЦЛА, Шејна Вилсон.
Таткото на Лианџело Бол, поранешниот кошаркар Лавар Бол одби да даде коментар за ситуацијата, нарекувајќи ја „несреќна“.
НЦАА сезоната се отвара во петок во Шангај, а причината поради која американски колеџ тимови играат во Кина е спонзорството на гигантот „Алибаба“на лигата.