Перо Антиќ ужива во Црвена звезда каде најверојатно ќе ја заврши кариерата. Кошаркарот кого МКФ го прогласи за најдобар во 2017 година вели дека „додека се смее ќе игра кошарка“.
„Годината ќе ја паметам најмногу поради триумфот со Фенербахче во Евролигата, враќањето во Црвена звезда и моето семејството. Тоа се најважните работи. Ова веројатно ми е една од најдобрите години во кариерата. Може да се спореди со онаа година кога бев во Олимпијакос, задоволен сум, се надевам дека и наредната ќе биде добра“, рекол Антиќ во своето резиме на 2017.
Трикратниот европски првак ја потенцирал добрата атмосфера во тимот, „хемијата“ која постои помеѓу играчите и дополнил дека во однос на неговиот прв престој во Црвена звезда клубот напредувал маркетиншки и резултатски.
Со оглед на годините не му пречи што клубот на патувањата во Евролигата најчесто оди со редовни линии, нешто што не е случај со неговите претходни клубови Фенербахче и Атланта Хокс.
„Не сме почнале сите со чартер летови. Почнавме од автобусите на ЈСП, а знам како беше минатиот пат во Звезда. Се навикнуваш, знаше каде доаѓаш, едноставно ги забораваш тие работи“, рекол Антиќ.
Македонецот е највозрасен во тимот, четири години е постар од тренерот Душан Алимпијевиќ, со кого има одлична соработка.
„Тоа не е важно, јас сум од Балканот, колку години да има тој тренер си е тренер. Тој е газдата, тој е лидер и него го слушаме. Човекот има знаење и само треба да биде трпелив, ова му е прва година во Евролигата и оствари резултати кои никој не ги очекуваше. Ја разбира кошарката, цело време работи, опседнат е со кошарката. Жељко Обрадовиќ исклучително го почитува Алимпијевиќ“.
На крајот Антиќ одговорил и на прашањето дали оваа сезона ќе биде негова последна во кариерата?
„Да почекаме. Додека уживам ќе играм кошарка. Кога ќе тргнам да работам…Тоа ми го зборуваше мојот татко кога ја започнував кариерата: играј додека се смееш и уживаш“, рекол 35-годишниот Антиќ.