Кошаркарите на Црвена звезда ја запишаа првата победа во Евролигата, откако славеа над фаворизираната Барселона 90:82. Поразот кој Барселона го доживеа во Белград е прв за Каталонците од почетокот на сезоната.
Целосно новиот тим на Црвена звезда одигра храбро против апсолутниот фаворит, водеше во текот на целиот натпревар, а со беспрекорната одбрана во последните две и пол минути стигна до победата.
Барселона во текот на мечот само еднаш водеше, кога Ертел погоди на три минути до крајот за 76:78.
Црвена звезда во текот на мечот со дисиплинирана игра ја одржуваше предноста, а четири пати таа изнесуваше максимални 14 поени.
Поранешниот македонски репрезентативец Перо Антиќ одигра значајна улога во победата на својот тим. Особено беше важна неговата рола во третиот период кога на петте врзани поени на Ертел одговори со иста мерка.
Бјелица ја предводеше Црвена звезда до победата со 23 поени, еден повеќе од Рочести кој имаше и седум асистенции. Во рекетот блескаа Лесор со 13 и Антиќ со 10 поени (1/2 за два, 2/4 за три, 2/2 слободни фрлања), а на двајцата им недостигаше по еден скок за да остварат „дабал-дабл“.
Во редовите на Барселона најефикасен беше повратникот од НБА лигата, Серафан со 16 поени, додека Ертел имаше учинок од 14 поени и 11 асистенции.
Црвена звезда во третото коло, во вторник, ќе гостува кај Химки, додека Барселона ќе го пречека Жалгирис.
фото/starsport