Една од најновите американски спортски сапуници конечно заврши, браќата Бол потпишаа договори со литванскиот Приено Витаутас.
Малку познатиот литвански клуб на својата официјална интернет-страница објави дека Лианџело и Ламело Бол на клубот ќе му се приклучат на почетокот на 2018 година.
„Нашиот клуб е возбуден поради доаѓањето на Лианџело и Ламело. Посветени сме на нивниот долгорочен успех и развој во професионалната кошарка“, рекол спортскиот директор на клубот, Вилиус Ваиткевичиус.
Лавар Бол, таткото на двајцата кошаркари, прес еден месец реши да го испише Лианџело од колеџ, а Ламело од средното училиште.
Лианџело има 19 години, а Ламало е три години помлад. Двајцата важат за талентирани кошаркари, но не за толку талентирани колку што е нивниот постар брат Лонзо, кој на последниот драфт беше втор пик и од оваа сезона настапува за ЛА Лејкерс.
Витаутас по 13 натпревари во литванскиот шампионат има скор од четири победи и девет порази и се наоѓа на седмата позиција на табелата.