Саша Обрадовиќ и официјално стана тренер на кошаркарскиот клуб Црвена звезда. На промоцијата во Белград тој рекол дека е свесен какви резултати се очекувата од него и тимот што допрва треба да го состави.
Поранешниот играч на Црвена звезда и репрезентативец на Југославија објави дека негови помошници ќе бидат Миленко Богиќевиќ, Богдан Караичиќ и Душан Марковиќ. Порачал дека Црвена звезда ќе игра модерна кошарка и дека ќе има конкурентен тим за настап во Евролигата.
„Звезда ќе игра агресивна, модерна кошарка на двата дела од теренот. Велат дека сум дефанзивен тренер, современата кошарка бара игра и во одбраната и во нападот. Имаме ветување од челниците дека ќе составиме конкурентен тим со кој на најдобра начин ќе ја претставиме Црвена звезда и Србија во Евролигата“, рекол Обрадовиќ.
Саша Обрадовиќ со клубот потпишал две годишен договор со опција тој да биде продолжен на уште една година.
За светскиот и европскиот првак со Југославија ова ќе биде првата тренерска работа во Србија. Кариерата како тренер ја започнал во 2005 година во Келн, а работел и во Киев, Туров, Доњецк, Алба Берлин, Локомотив Кубан и Монако.