фото/fiba.com
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со пораз стартуваше во квалификациите за пласман на Европското првенство. Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ Македонија загуби од фаворизираната Италија 52:61 (14:19, 11:14, 13:11, 14:17).
Десеткуваниот состав на селекторот Марјан Лазовски, без шест стандардни репрезентативки, успеа да и пружи силен отпор на седмопласираната селекција од последниот Евробаскет.
Кошаркракрките одиграа храбро, борбено со многу желба, но тоа не ебеше доволно да се изненади Италија.
Селекторот Лазовски целиот натпревар го одигра со шест кошаркарки, а оние кои беа во стартната петорка, поединечно минаа повеќе од 34 минути на теренот. Ширината во ростерот му овозможи на италијанскиот селектор да ја сочува свежината кај своите кошаркарки што беше клуч на победата.
Македонските кошаркарки во ниту еден момент не им дозволија на Италијанките да се чувствуваа комотно на теренот, за што зборува податокот дека Италија само два пати во текот на мечот имаше двоцифрена предност (25:35, 31:42).
Во последната минута по тројката на Гивенс Македонија се доближи на само четири поени негатива (52:56), но избраничките на Лазовски немаа сили за целосен пресврт.
Гивенс ја предводеше Македонија со 22 поени (12 во последната четвртина) 6 скока и 3 асистенции, а покрај неа уште поентираа Кметовска 10 поени, 9 скока, Митрашиновиќ 14 поени и по 4 скока и асистенции и Трајчевска 6 поени, 8 скока.
Најзабележителни кај Италија беа Чинили со 12 поени и 6 скока, односно Сотана со 11 поени и 5 асистенции.
Наредниот натпревар кошаркарките ќе го одиграат на 15 ноември кога во второто коло во Х-групата ќе и гостуваат на Шведска.