Една од легендите на НБА лигата, Карим Абдул-Џабар вели дека НФЛ играчите и другите професионални спортисти мораат да продолжат со своите протести против полициската бруталност во САД, бидејќи токму тоа е патриотски чин.
Шесткратниот НБА шампион вели дека протестите во американскиот фудбал, каде што НФЛ играчите седеа, клечеа или се држеа за раце при изведувањето на американската химна пред натпреварите, креираат дијалог околу претходно игнонираната тема на расата во САД.
„Мислам дека тоа оди во вистинска насока. Тие треба да продолжат да зборуваат за теми кои ги загрижуваат и да ја користат својата моќ за креирање на промени. Ова е реална тема за Афро-Американците. Протестите имаат легитимно место во традицијата на САД“, вели 70-годишниот Абдул-Џабар, кој е политички активист од своите колеџ-денови, а последните години има кампања за кревање на свесноста за борбата против ракот.
Абдул-Џабар стана најдобар стрелец во НБА во блескавата кариера со Лос Анџелес лејкерс, меѓутоа не настапуваше на Олимпијадите во знак на протест поради расната нееднаквост во 1968 година, истата година кога го смени името од Лју Алкиндор во Карим Абдул-Џабар по прифаќањето на исламот.