Top Sport

Џордан одбил 100 милиони долари за двочасовен ангажман!

Мајкл Џордан „тежи“ 2.1 милијарди долари според магазинот „Форбс“, така што не изненадува што великанот можел лесно да одбие понуда од 100 милиони долари за двочасовна обврска, открива неговиот агент Дејвид Фалк.

Во интервју за радио-станицата „ВФАН“, тој откри неколку детали околу проектите кои ги одбивал Џордан во неговиот живот.

„Да му кажам утре, треба да се појавиш некаде за 150.000 долари, тој ќе ми се насмее. Не верувам дека ќе прифати ниту за 1.005.000 долари“, вели Фалк.

Иако ова е хипотетичка ситуација, Фалк даде и вистински примери. Во 2015 година, додека неговите Шарлот хорнетс биле на турнеја во Азија, тој му понудил 7 милиони долари за настап на голферски турнир, но тој одбил.

„Пред три години му донесов договор за 100 милиони долари, а сè што требаше да се направи освен да се даде дозвола за користењето на неговиот лик да има две едночасовни појавувања за да го најави договорот и тој го одби тоа. Толку е успешен во кариерата, што може да прави што сака, а да одбива што не сака. Тоа го почитувам“, вели Фалк.

Тој објаснува дека од 1991 година сите договори кои тој ги потпишувал биле на барем 10 години, и дека сега е посветен само на долгогодишни обврски. И тоа совршено му се исплатеше. Според магазинот „Форбс“, Џордан беше најплатен НБА кошаркар само две од своите 15 сезони, заработувајќи само 90 милиони долари од кошарката и дури 1.7 милијарди долари од партнерствата.

Scroll to Top