Top Sport

Дончиќ го реши дербито во Истанбул

Реал Мадрид славеше во Истанбул против Фенербахче 79:77 во дерби мечот одигран во рамките на 15.коло во Евролигата. Со оваа победа Реал се израмни на табелата со европскиот првак, двата тима имаат по девет триумфи и шест порази.

Фенербаче успеа од стратот да ја наметне својата игра, одбраната функционираше беспрекорно, поради што европскиот првак стекна предност 17:10.

Реал во вториот период ги реши проблемите во нападот и успеа да стекне поен предност на полувремето.

Во вториот дел буквално се играше кош за кош, ниту еден тим не стекна поголема предност од четири поени, а победникот беше решен во последните две минути.

Клучниот момент се случи на 122 секунди до крајот кога најпрвин Датоме со тројка го доближи Фенер на поен негатива (75:76), а во наредниот напад Дончиќ најпрвин избори лична од Нанали, а во продолжение на акцијата доби удар од Весели поради што Чехот доби неспротска.

Словенецот погоди три од четири слободни фрлања, а Реал потоа успеа да ја сочува предноста.

Вонамејкер во последните шест секунди имаше два обиди да го израмни резултатот, во првиот беше блокиран од Томпкинс, а потоа не успеа да погоди чист шут од полудистанца.

Дончиќ и покрај лошиот шут за три поени (1/7) го предводеше Реал со 20 поени, 10 асистенции и 8 скока, додека Рејес и томпкинс уфрлија по 13 поени. Дончиќ на овој натпревар имаше валоризација 37.

Најефикасни кај Фенербахче беа Вонамејкер со 20 и Датоме со 12 поени.

Scroll to Top