Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ (22) се подготвува за уште една НБА сезона со својот Далас Маверикс. Синоќа неговиот тим со 10 поени разлика славеше во првиот претсезонски меч против Јута Џез. Словенецот мечот го заврши со 19 поени, 6 скока и 5 асистенции.
„Мојата цел не се менува, сакам да сум шампион во НБА лигата, но знам дека тоа не е само моја цел, туку на секој играч кој ја започнува новата сезона. Ќе видиме“ рече Дончиќ за официјалната страна на НБА лигата.
Тој се присети на летото кога комплетното водство на тимот на Далас дошло во Словенија за да го убедат да потпише 5-годишен договор.
„Бев многу среќен поради тоа. Словенија и не е баш блиску до САД и тоа беше посебен момент за мене. Бев почестен со нивното доаѓање во мојата татковина“ вели тој.
Дончиќ се потсети и на некои не така среќни моменти од блиското минато како што е испаѓањето од ЛА Клиперс минатата сезона, како и четвртото место на ОИ во Токио.
„Поведовме против Клиперси со 2-0 и потоа загубивме два домашни натпревари. Навистина верувавме дека можеме да поминеме понатаму, извлековме некои поуки од сето тоа. На ОИ беше забавно, иако не заврши баш така. Не е убаво да бидеш четврти, но горд сум на сите момци, ние имаме уште многу што да кажеме“ смета Дончиќ.
Сезонава која наскоро ќе започне Далас ќе има нов тренер, легендарниот Џејсон Кид.
„Од него сигурно секој ден има што да се научи, како и од Новицки. Кид е шампион и се радуваме што ќе соработуваме“ смета словенечкиот кошаркар.