Top Sport

Дурент ја поништи магијата, „ракетите“ приземјени во Вашингтон (Видео)

Два неверојатни натпревари се одиграа изминатата ноќ во НБА лигата, Голден стејт Вориорс ги совладаа Орландо Меџик 116:110, а Вашингтон Визардс, по едно продолжение ги надиграа Хјустон Рокитс 135:131.

Вориорс, без Стеф Кари, го издржаа налетот на Орландо, ја стигнаа и престигнаа негативата од 17 поени што ја имаа на полувремето и во драматичниот финиш стигнаа до победата.

Кевин Дурент постигна 49 поени (16/33 шут од поле), на кои придодаде девет скока и шест асистенции, а Клеј Томпсон уфрли 29 поени, вклучувајќи ја и клучната тројка во последната минута.

Орландо, како и во неделата против Лејкерси, го предводеше Никола Вучевиќ. Црногорецот игра во голема форма, мечот го заврши со 31 поен и 15 скока, додека Теренс Рос забележа 28 поени.

Во престолнината на САД, Клинт Капела, на десет секунди до истекот на регуларното време, поентираше за 125:125 и му обезбеди продолжение на Хјустон, против Вашингтон.

Во продолжението, Џон Вол, успеа да го изнесе товарот и да му ја обезбеди осмата победа на Вашингтон.

Вол натпреварот го заврши со 36 поени, а неговиот партнер од бековската линија Бредли Бил постигна 32 коша.

Кај Хјустон Џејмс Харден постигна 54 поени, забележа 13 асистенции, но имаше и дури 11 загубени топки. Ерик Гордон исто така одигра одличен меч, на крајот го заврши со 36 поени.

Резултати:

Шарлот Хорнетс-Милвоки Бакс 110:107
Кливленд Кавалирс-Минесота Тимбервулвс 95:102
Вашингтон Визардс-Хјустон Рокитс 135:131
Чикаго Булс-Сан Антонио Спарс 107:108
Њу Орлеанс Пеликанс-Бостон Селтикс 107:124
Јута Џез-Индијана Пејсерс 88:121
Голден стејт Вориорс-Орландо Меџик 116:110

Scroll to Top