Центарот на Феникс Санс, Диандре Ејтон е еден од клучните играчи на франшизата од Аризона. Тој ова лето ќе стане „ограничен слободен агент“, што значи дека Феникс ќе можат да ја изедначат секоја друга понуда што ќе ја добие кошаркарот.
Од оваа перспектива јасно е дека франшизата нема да му понуди максимален договор, кој предвидува годишна плата од преку 30 милиони долари, на првиот пик на драфтот од 2018 година.
„Атлетик“, повикувајќи се на свои извори пишува дека најверојатно, Ејтон ќе го напушти Феникс ова лето.
Планот на Санс е да ги искористат последните години од кариерата на 37-годишниот Крис Пол и да продолжат со нападите на шампионскиот прстен, со него и Девин Букер како лидери на тимот. Евентуалниот максимален договор што би му го понудиле на Ејтон, би ги направил нефлексибилни во составувањето на тимот, кој уште еднаш ќе се обиде да ја нападне шампионската титула.
Минатата сезона Ејтон имаше просек од 17,2 поени и 10,2 скока на 58 натпревари.