Бранителот на титулата во кошаркарската Евролига, Фенербахче, со пораз во Малага ја отвори новата сезона. За разлика од Фенербахче фаворитите Реал Мадрид, ЦСКА Москва, Олимпијакос и Макаби забележаа победи во првото коло.
Првото коло во елитното кошаркарско натпреварување ги соочи освојувачот на Еврокупот Уникаха и европскиот шампион Фенрбахче. Во Малага, во драматичен меч славеа домаќините 68:67 (20:20, 16:21, 14:16, 18:10).
По израмнетата прва четвртина Фенербахче ја презеде контролата врз играта и во 29 минута имаше двоцифрена предност 47:57. Кошаркарите на Фенербахче потоа влегоа во еден лош период му дозволија на домаќинот серија 15:2, а на 124 секунди до крајот Уникаха водеше 68:60.
До крајот домашните кошаркари не поентираа ниту еднаш Фенер постигна седум поени во низа, го имаше и последниот напад, но обидот на Слукас заврши на првиот обрач.
Грузеецот Шермандини ја предводеше Уникаха со 12 поени, а на спротивната страка Костас Слукас имаше учинок од 15 поени, 5 скока и 7 асистенции.
Кошаркарите на Реал славеа во Истанбул кај Анадолу Ефес 74:88 (19:28, 17:17, 20:17, 18:26). Реал победи благодарение на одличното издание на двоецот Лука Дончиќ-Густаво Ајон, а клучната предност ја стекна во финишот на првата и на почетокот на последната четвртина.
Лука Дончиќ, кој пред еден месец со Словенија стана европски првак, го предводеше Реал со 27 поени (12 од нив во последната четвртина), додека Ајон оставри двоен ефект од 16 поени и 10 скокови.
Кај Ефес се истакна МекКолум со 26 поени, а по 17 кошеви постигнаа Лидо и Данстон, кои заедно имаа 16 скокови.
ЦСКА потешко од очекувањата и од она што го покажува конечниот резултат славеше над Милано. „Армејците“ победија 93:84 (16:30, 22:18, 27:16, 28:20), а отпорот на противникот, кој во првиот дел неколку пати имаше предност од 14 поени, го скршија по 33.минута.
Четворица кошаркари се истакнаа кај ЦСКА: Кори Хигинс постигна 21, Чачо Родригез забележа 20 поени и по 5 скока и асистенции, Нандо Де Коло уфрли 19, а Вил Клејбурн 15 поени.
Во редовите на Милано најефикасни беа Ендрју Гаудлок со 17 и Владимир Мицов со 16 поени.
Олимпијакос иако во некомплетен состав ја оправда фаворитската улога против Баскониа. Мечот се одигра на Крит во „Хераклион“ арена, а Олимпијакос славеше со 75:64 (16:12, 25:21, 19:16, 15:15).
Со исклучок на првите седум минути домаќинот констатнтно беше во предност, а во најголем дел од мечот таа беше двоцифрена.
Принтезис постигна 17, Аграванис 13, а Папниколау 10 поени за победникот, додека Шенгелија со 13 и Гренџер со 12 поени беа најефикасните кај Баскониа. Овој тим од сезонава го предводи прославениот Аргентинец Пабло Приџони.
Макаби кој оваа сеозна има комплетно нов тим и нов тренер (Невен Спахија) гостуваше во Бамберг и убедливо го порази Бросе Баскет 71:88 (20:14, 16:23, 23:18, 12:33).
Макаби го декласира својот противник во последниот период во кој успеа да постигне 33 поени.
Пјер Џексон, кој минатата сезона еден месец играше за Цедевита, со 27 поени беше најефикасен на теренот, додека грчкиот ветеран Никос Зисис за Бросе постигна 16 кошеви.