Евролигата ги објави имињата на кошаркарите што ја обележаа сезоната во ова натпреварување. Во идеалната петорка има двајца кошаркари на Фенербахче и по еден на Жалгирис, Панатинаикос и ЦСКА Москва. Правата петорка ја избраа новинарите и навивачите.
Најдобрата петорка во Евролигата ја формираа Ник Калатес (Панатинаикос), Вил Клајбурн (ЦСКА), Брендон Дејвис (Жалгирис), Костас Слукас (Фенербахче) и Јан Весели (Фенербахче).
Калатес и Весели и минатата сезона беа во идеалниот тим, додека Слукас, Дејвис и Клајбурн прв пат го добија ова признание.
Гркот Калатес постави рекорд во Евролигата со 8,7 асистенции по натпревар. Сезонава тој имал 286 успешни додавања. Калатес бил МВП на 28 коло и најкорисен играч во месец март.
Клајбурн бил МВП во 19 коло, а Дејвис бил најдобар во 23 и 30 коло. Весели беше најкорисен играч во Евролигата, во декември, додека неговиот соиграч Слукас сезоната ја заврши со просек од 11,7 поени и 4,8 асистенции.
Евролигата, во изминатите денови додели и три индивидуални награди, Мајк Џејмс (Армани Милано) ја доби наградата „Алфонсо Форд“ за најдобар стрелец, Гога Битадзе (Будуќност) е „Ѕвезда во подем“, а Валтер Еди Таварез од Реал Мадрид е најдобар дефанзивец.