Евролигата засега не планира да го смени форматот по кој се играат натпреварите, соопштиле од оваа организација.
Евролигата, за 5.ноември закажа видео-конференција со претставниците на националните првенства. Ова многумина го прокоментираа како начин на кој Евролигата ќе изврши корекции во форматот.
„Немаме никакви планови за менување на форматот, како што тоа се шпекулира изминативе денови“, соопшти Евролигата.
Целта на состанокот ќе биде изнаоѓање на термини за одложените натпревари во Евролигата и Еврокупот.
Еден од оние кои не ги одобруваат потезите што ги влече Евролигата е славниот Еторе Месина. Тренерот на Армани Милано, во отворено писмо, побара сезоната да биде стопирана на три или четири месеци, а во тој период да се играат само националните шампионати.