Кошаркарите на Србија ја победија селекцијата на Франција на последниот подготвителен меч пред заминувањето на Светското кошаркарско првенство во Кина и со 100-процентен учинок ќе го дочекаат собирот на најдобрите кошаркарски селекции во светот.
„Орлите“ беа подобри од „триколорите“ со 61-56 во меч одигран во Шангај како дел од „Аустајгер купот“. Ова за Србија беше 10-ти триумф во подготовките за СП иако на мечот не настапија Немања Бјелица, Богдан Богдановиќ и Владимир Лучиќ.
Од друга страна, ова за Французите беше втор пораз во подготовките за Мундобаскетот во Кина.
Дуелот меѓу овие две селекции помина во слаб напаѓачки ритам на двете страни. Селекцијата предводена од Александар Ѓорѓевиќ на полувремето губеше со 9 разлика, со постигнати само 23 поени за 20 минути игра.
На стартот на третиот период Србите заиграа подобро, па победата отиде кај моментно подобрата селекција.
Радуљица беше најпрецизен кај победничката репрезентација со 13 поени, Јокиќ постигна 10, Гудуриќ 9, а Мициќ 7.
Кај Франција Батум запиша 9 поени, додека Фурние и Поари забележаа по 7 поени.