Репрезентациите на Франција и Холандија ќе се орат за златниот медал на турнирот во Баскет 3×3 на Олимписките игри во Париз. Французите и Холанѓаните убедливо славеа во дуелите со фаворизираните Летонија односно Литванија.
Домашната репрезентација, Франција, која на „мала врата“ влезе во четвртфиналето каде што успеа да ја шокира Србија, во полуфиналето направи уште еден подвиг со победата над актуелните олимписки шампиони, Летонците (21:14).
Летонците на почетокот имаа блага предност од поен или два, но Французите, носени од публиката, фанатстично се бореа. Со двојките на Дусолие и Вержие го презедоа водството и не гио испуштија.
Французите ја користеа истата тактика што ја имаа и против Србија. Топката често одеше во рекетот на високиот Рамбо, кој имаше предност над Летонците, во чии редови едниствен расположен беше Ласманис. На 80 секунди до крајот Франција ја направи клучна предност од пет поени.
Холанѓаните ја декласираа Литванија со резултат 20:9 и со тоа си закажаа финале со Франција.
Во првите три минути беше неизвесно, а потоа Холандија се одлепи со две брзи тројки и од тој момент мечот практично беше завршен.
Холанѓаните беа доминантни на двете страни од теренот. Литванија не можеше да погоди ништо, а Холанѓаните одлично шутираа за два поени, па победата ја обезбедија на три минути до крајот.
Мечот за бронзениот медал е од 21 часот и 30 минути, додека борбата за златото е од 22 часот и 30 минути.