Актуелниот шампион во НБА лигата, Голден Стејт Вориорс, се пласираше во конференциското финале. Вориорс со 4-1 славеа во полу-финалната серија против Њу орлеанс Пеликанс. Во петтиот натпревар, на домашен терен во Оукленд, Голден Стејт, победија со 113:104.
Играчите на тренерот Стив Кер четврта сезона по ред ќе играат во конференциското финале, а таму ги чека тимот што го оствари најдобриот резултат во регуларниот дел од сезоната, Хјустон. Ракетите со идентични 4-1 ја добија серијата против Јута Џез.
Пеликаните од Њу Орлеанс пружија добар отпор во дуелот со фаворизираниот противник, имаа само три коша негатива по првото полувреме (59:56), меѓутоа катастрофалната трета четвртина им ги одзеде надежите дека можат да приредат изненадување.
Во третиот период Вориорс ја консолидираа играта во одбраната, а во нападот не промашуваа и овој 12-минутен период го добија 36:19. Пеликанс се обидоа да се вратат во мечот во решавачката четвртина, меѓутоа разликата која ја направија Вориорс беше преголема.
„Фантастичната четворка“ го предводеше Голден Стејт до победата: Стеф Кари (28 оени, 8 асистенции), Кевин Дурент (24 поени, 7 асистенции), Клеј Томпсон 923 поени, 6 скока), Дрејмонд Грин (19 поени, 14 скока, 9 асистенции).
Кај Њу Орлеанс фантастичен натпревар одиграа Џру Холидеј и Ентони Дејвис. Холидеј забележа трипл-дабл од 27 поени, 10 скока и 11 асистенции, а Дејвис мечот го заврши со 34 поени и 19 скока.
Финалната серија на Западот ќе стартува ноќта помеѓу 14. и 15 мај, домаќин на првите две средби ќе биде Хјустон.