Top Sport

Искуството пресуди, Црвена звезда ја победи Олимпија (Видео)

Кошаркарите на Црвена звезда победија во првиот натпревар во 2018 година. Регионалниот првак во последниот натпревар од 14.коло ја победи Петрол Олимпија 80:76 (16:18, 24:19, 22:19, 18:20). Перо Антиќ за нешто помалку од 18 минути имаше учинок од 2 поени (1-3 од поле), 5 скока, и по една асистенција и украдена топка.

Црвена звезда не блескаше, но успеа да ја победи Олимпија чии кошаркари во финишот на мечот не успеаја да ги казнат грешките на противникот.

Играчите на бранителот на титулата погодија само 35 отсто од обидите за два поени, од линијата за слободни фрлања шутираа со 68 отсто успешност, а пресудна за конечниот победник беше реализицијата на обидите за три поени, домаќинот имаше реализиција 40, а Олимпија 29 отсто.

Натпреварот во кој ниту еден од тимовите немаше двоцифрена предност Црвена звезда го реши во последните две минути од третата четвртина кога со серија 10:2 негативата од два поени ја претвори во водство по 30 минути 62:56.

Во последниот квартал домаќинот имаше неколку можности да се одвои на двоцифрена разлика, но и Олимпија можеше во финишот да го направи натпреварот неизвесен, но гостите не поентираа ниту еднаш по загубените топки на противникот.

Рочести ја предводеше Црвена звезда со 16 поени, а по 13 постигнаа Фелдин и Дангубиќ. Најдобар кај Олимпија беше Морган со 15 поени и 11 скока, а 15 поени постигна и Шпан, девет од нив во третата четвртина.

Црвена звезда во пресрет на дербито против Будуќност е на лидерската позиција со 12 победи и два порази, додека Олимпија е на десеттото место со скор од пет победи и девет порази.

Scroll to Top