Еден од најпознатите светски кошаркарски тренери, Душан Дуда Ивковиќ е импресиониран од младиот Словенец, Лука Дончиќ, велејќи дека тој е далеку позрел во играта од Дражен Петровиќ и Тони Кукоч, кога тие имаа 18 години.
Дончиќ како лидер на Реал Мадрид воодушевува оваа сезона, а прогнозите велат дека ќе биде и прв избор на НБА драфтот.
„Тој е феномен. Дражен играше како плеј, а Тони Кукоч како четворка, но тие двајца не играа толку зрело кога имаа исто толку години како него“, вели Ивковиќ.
Легендарниот српски тренер исто така имаше искуство со грчкиот репрезентативец, ѕвездата на Милвоки, Јанис Адетокунбо.
„Кога првпат го видов како игра за младиот тим на Филаткиткос, беше очигледно дека е голем талент за во НБА. Пријател сум со шефот на Анадолу Ефес, Тотос Комнинос и му кажав да го донесе во Истанбул. Но, некој дојде да го гледа и кажа дека имаат неколку такви играчи. Не знам кои се тие“, додава Ивковиќ.