Сензационалниот европски шампион со Словенија, Игор Кокошков ќе го наследи Александар Ѓорѓевиќ на кормилото на кошаркарската репрезентација на Србија, објави весникот „Вечерње Новости“.
Договорот на Ѓорѓевиќ завршува со Светското првенство во Кина, кое на Србите им донесе големо разочарување. Иако беа фаворити за златото српските кошаркари со поразите од Шпанија и Аргентина останаа да се борат за петтото место.
„Легендарниот Сале национале планираше да се повлече по СП, на кое целта беше да се стигне до финалето. Фактот дека репрезентацијата доживеа неуспех на планетарното првенство ќе го зацврсти само неговиот став дека треба да се повлече“, пишува во текстот на „Вечерње Новости“.
Ѓорѓевиќ ги врати Србите на вистинскиот пат, на три големи натпреварувања играше во финалето со националниот тим. На СП во 2014 и Олимписките игри во 2016 Америка ги победуваше Србите, а на минатото ЕП Словенија со Кокошков ја победи Србија.
Игор Кокошков е асистент во стручниот штаб на Сакраменто Кингс. Инаку тој е првиот не Американец што имал можност да биде шеф на стручниот штаб на едена НБА-франшиза.