Top Sport

Комеморација за Буштур – загубивме спортска легенда, идол на многу генерации

Попладнево се одржа комеморација во чест на легендарниот македонски кошаркар Благоја Георгиевски – Буштур, кој вчера загина во сообраќајна несреќа.

Од Буштур се простија поранешни соиграчи, голем број сегашни и поранешни кошаркари, кошаркарски работници, како и спортски работници од земјава и од странство.

„Тешко е да се зборува во моментов. Наместо да ги прославиме успесите, ние ќе мора да зборуваме за нив без него. Буштур беше многу добар човек. Се сеќавам кога во Кавадарци ме повика да играм за кадетите, па спев во неговиот дом. Се надевам дека ќе дава кошеви горе и ќе фаќа риби затоа што беше голем љубител на риболовот“, кажа на комеморацијата спортскиот директор на Македонската кошаркарска федерација Тодор Гечевски.

„Луѓето од кошарката не знаеја да го искористат негов потенцијал, неговиот талент. Но, тој го надмина сето тоа, прифати само да биде дел од Управни одбори. После самиот се повлече, сметајќи дека е отфрлен. Ќе остане дел од мене засекогаш, а ние до крај ќе останеме горди на него“, рече пријателот од детството на Буштур, актерот Ѓокица Лукаревски.

„Трагичната смрт на Буштур ќе остави празнина која со ништо нема да може да се пополни“, кажа првиот човек на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски.

„Скопје претрпе голема загуба со згаснувањето на живот на нашиот драг Благоја Георгиевски-Буштур. Буштур беше еден од најдобрите македонски кошаркари на сите времиња. Како таков остави јасен и силен белег во историјата на македонскиот спорт. Целата кариера, од првите чекори до последниот натпревар ја помина во својот Работнички. Тој беше миленик на навивачите и со секој натпревар одново ги освојуваше срцата на скопјани“, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Погребот на Благоја Георгиевски – Буштур ќе се одржи утре на пладне.

Scroll to Top