Top Sport

Крафорд ново име во МЗТ

Американецот Џордон Крафорд (27 год., 168 см.) е нов кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, откако тој во четвртокот потпиша договор до крајот на оваа сезона.

Станува збор за засилување на плејмејкерската позиција, односно пополнување на празнината која остана во ростерот по заминувањето на Никола Павличевиќ.

Крафорд доаѓа на инсистирање на тренерот Жељко Лукајиќ.

Американецот доаѓа од НБА Џи-лигата (поранешна НБДЛ), каде што настапуваше за екипата на Мемфис хасл и тоа со двоцифрен поентерски учинок во повеќе од половина од одиграните мечеви.

Претходно, има играно за Вестчестер никс, а универзитетскиот дел од кариерата го мина настапувајќи за Боулинг грин колеџот.

За новиот член на МЗТ Скопје ова е втора европска авантура, откако во сезоната 2014/15 настапуваше во лигата на непризнаениот турски Северен Кипар за екипата на Мапфри лајф и тоа со просек од 26,8 поени, 6,3 асистенции и 4,2 скока.

Крафорд нема право да игра на средбите во АБА-лигата со што што веќе е завршен рокот за регистрирање нови играчи во регионалното натпреварување, но ќе биде и тоа каква помош за сино-белите во обидот да го вратат трофејот од Купот на Македонија и по седми пат по ред да дојдат до шампионскиот пехар.

Сложената процедура за добивање сертификат од НБА Џи-лигата е веќе во тек и ако сѐ биде како што треба новиот плејмејкер за десетина дена ќе може да дебитира во дресот на МЗТ Скопје.

фото/http://www.mztskopjeaerodrom.mk

Scroll to Top