Кошаркарскиот клуб Куманово повеќе нема да се натпреварува во Балканската лига, БИБЛ. Клубот наведува дека поради намалувањето на финансиската поддршка од страна на Општина Куманово, клубот нема можност да ги подмири тековните трошоци кои се потребни за да се натпреварува во лигата. Клубот во иднина целосно ќе им се посвети на натпреварите во домашниот шампионат.
„Ве информираме дека КК Куманово нема да продолжи да се натпреварува во Балканската БИБЛ лига од оправдани причини. Поради намалување на финансиската подршка од страна на Општина Куманово, клубот не е во можност да ги подмири тековните трошоци за натпреварување во оваа лига, за што искрено жалиме. Како ново раководство, сакаме реално да ја согледаме финансиската состојба во клубот која не е на завидно ниво, но мораме да ги определиме и приоритетите за делување во наредниот период. Согласно со тоа, прв приоритет ни се редовните обврски кон постоечкиот играчки кадар, како и кон Македонската Кошаркарска Федерација, како и други субјекти поврзани со патувања, сместување и др. Со оваа одлука создаваме услови за целосно посветување на натпреварувањето во Првата македонска лига, во кое амбициите ни остануваат исти, а тоа е пласман во Супер лигата, но со напомена дека ќе се даде акцент на млади домашни играчи кои ќе бидат база за наредните сезони.Во секојдневни преговори сме со потенцијални спонзори кои се подготвени да помогнат во подобрувањето на финасиската состојба. Исто така, работиме и на изготвување на четиригодишен план за спортски и финасиски развој на клубот. Ја замолуваме нашата верна публика да го разбере овој тежок момент и да ни даде подршка во наредниот период да излеземе посилни од оваа ситуација и да се вратиме на победничките патеки заедно“, се вели во клупското соопштение.