Леброн Џејмс вели дека формата на Кајл Кузма ќе биде одлучувачки фактор во ловот на НБА титулата на Лос Анџелес лејкерс оваа година.
25-годишниот Кузма остана со челични нерви во понеделникот, кога уфрли тројка на само 0.4 секунди до крајот преку огромниот Бол Бол за да им донесе на Лејкерси 124:121 победа над Денвер нагетс, прва за „езерџиите“ по три меча. Кузма својот најдобар меч по рестартот го заврши со 25 поени, 6 скока и 3 асистенции и 11-од-16 од поле.
„За да стигнеме до титула, Кајл мора да биде постојано нашиот трет најдобар кошаркар. Ако јас имам проблеми, или на Ентони Дејвис не му оди, тој мора да биде тука. Не можеме до титулата ако Куз не игра добро“, вели Џејмс, кој имаше 29 поени и 12 асистенции во мечот.
Кузма доби место во стартната петорка во понеделникот по повредата на Кентавиус Колдвел-Поуп, а пред понеделничкиот меч имаше само 42.9 отсто од поле и 31.1 отсто од обидите за тројки.
„Играм зад двајцата најдобри кошаркари во НБА. Се обидувам да ја одиграм мојата улога, да победиме. Ако не победуваме, лошо е за сите“, вели Кузма.
Кузма со тројка на 0.4 секунди пред крајот ја прекина лузерската серија на Лејкерси