Играчот на Голден стејт Вориорс, Клеј Томпсон, на кошаркарските терени би можел да се врати дури во сезоната 2021/2022, пренесуваат американските медиуми.
Според „НБЦ Спорт“, лекарите го советувале да паузира две години поради повредата на предниот вкрстен лигамент во левото колено. Вообичаено рехабилитацијата по оваа повреда кај спортистите трае девет до 12 месеци.
Според докторите кои го советувале Томпсон, најмалку две години по ваквата повреда би требало да паузираат сите спортисти.
Сепак, истиот извор, наведува дека Томпсон нема да ја прифати оваа препорака.
Еден од најдобрите шутери во НБА-лигата се повреди во годинешниот плеј-оф. Многумина се сигурни дека тој ќе се врати на терените кон крајот на регуларниот дел од сезоната, односно во март или април наредната година.
Томсон има 29 години, а летово потпиша нов договор со Вориорс.