Најдобриот играч на Портланд, Демијан Лилард јасно стави до знаење дека сака да биде трејдуван во Мајами Хит и истакна дека трејдот со Голден стејт Вориорс нема смисла. Лилард е роден во Калифорнија.
„Го почитувам се она што Голден стејт го прави осум или девет години. Мојот дом е таму, но не можам да бидам дел од тој тим. Освоија четири титули и што да кажам сега: „О, ќе одам во тимот од мојот роден град?“ Не, не…“, рече Лилард и додаде:
„Некој таму веќе игра на мојата позиција (Стеф Кари), а тоа е најдобриот играч во оваа ера, по Леброн Џејмс. За мене нема смисла, никогаш не би го направил тоа, повеќе би сакал да губам секоја година отколку да одам таму“.
Лилард има 33 години и има уште две години од договорот со Блејзерс, кои го пропуштија плеј-офот изминативе две сезони по осум последователни настапи во плејофот.