Top Sport

МКФ: Ги почитувавме правилата во „случајот Димитријевиќ“

Македонската кошаркарска федерација (МКФ), не е задоволна од одлуката на ФИБА да му изрече десет дневна суспензија на репрезентативецот Ненад Димитирјевиќ. Во МКФ очекувале дека кошаркарот на шпански Хувентуд ќе ја добие максималната казна која ФИБА може да ја изрече во ваков случај, а таа изнесува 30 дена суспензија од терените.

„Гореспоменатиот играч наместо да ја искаже љубовта, моралот и желбата за настап во националниот дрес, тој во неколку наврати си поигрува со повиците на селекторите со тоа создавајќи незадоволство кај играчите и кај стручниот штаб.
Такви односи кон националниот дрес и кон државата не се ниту позитивни ниту пак потребни во националните селекции во моменти кога МКФ прави напори за враќање на наши таленти кои немаат македонско државјанство, а имаат желба и копнеж да играат за Македонија.

Македонската кошаркарска федерација се надева дека во иднина повеќе нема да има случаи на одбивање на бранење на националните бои кои за сите треба да бидат гордост, предизвик и нешто свето, а не обврска и товар.

Раководството на федерацијата во целост ја поддржува пријавата на селекторот и го разбира неговото незадоволство од ненавременото и неоправданото откажување на играчот и воедно во целост ја поддржува самостојната одлука на Дисциплинската комисија“, стои во соопштението што е објавено на интернет страницата на МКФ.

Од Федерацијата потенцираат дека барањето за суспензија не било поднесено со намера да се саботира развојот на кариерата на Димитирјевиќ, туку намерата била со случајот да биде запознаена целокупната јавност, кошаркарските работници и неговите колеги за неговиот однос кон националниот дрес.

„ Националниот дрес во изминатите години низ младинските категории му овозможи да напредува во кариерата“, стои во соопштението на МКФ.

Scroll to Top