Македонската кошаркарска репрезентација ги започна подготвките во пресрет на првите два натпревари во рамките на квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство.

Првиот натпревар во групата Македонија ќе го одигра наредниот четврток (20 февруари) против Естонија во Скопје, а три дена подоцна избраниците на Александар Тодоров ќе гостуваат кај Русија.

„Во овој момент ова е најоптималниот состав, имајќи го предвид здравствениот билтен и желбата на некои играчи. Навистина сум пресреќен што добив само еден негативен одговор од сите со кои разговарав. Исклучително важно за нас е да се подготвиме добро за натпреварот со Естонија, да го пречекаме натпреварот оптимално здрави“, изјави селекторот Тодоров кој дополни дека од повиканите првите неколку тренинзи ќе ги пропушти само играчот на Хувентуд, Ненад Димитријевиќ.

„Мечот против Естонија не е клучен. И со една победа не може да се помине на Европско првенство, ни требаат две или три победи. Немаме тим кој може да постигне 90 поени, тие имаат, па ќе мора да ги сопреме. Тие се шутерска екипа исто како нас, процентите за три поени ќе бидат од големо влијание“.

фото/kfsm.mk