Top Sport

Муцунски: Остро го осудувам вчерашниот инцидент, во спортот нема простор за насилство и агресија

„Најостро го осудувам инцидентот на вчерашниот натпревар помеѓу кошаркарските клубови МЗТ Скопје Аеродром и Чаир – настан што кај сите нас предизвика сериозна загриженост. Насилството во спортот не само што го поткопува духот на натпреварувањето, туку и ја загрозува безбедноста на спортистите и навивачите“. Ова на својата фејсбук страна го напиша градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски по безбедносниот инцидент на вчерашниот натпревар кој беше прекинат поради напад од неофицијални лица врз тренерот и играчите на МЗТ Скопје Аеродром.

Тој потенцираше дека кошаркарите на МЗТ и целиот стручен штаб се спортски херои во Аеродром, а браќата Дамјан и Војдан вистински кошаркарски легенди, а задача и одговорност на сите е да промовираме спортска култура, меѓусебно почитување и здрава конкуренција.

„Кошаркарите на МЗТ и целиот стручен штаб се нашите спортски херои, а браќата Дамјан и Војдан национални кошаркарски легенди. Гарантирањето на нивната безбедност и овозможувањето на фер игра се наша обврска и задача. Дополнително, одговорност и задача на сите нас, како заедница и општество е да промовираме спортска култура, меѓусебно почитување и здрава конкуренција“, истакна градоначалникот Муцунски во својата фејсбук објава.

Имајќи ја предвид сериозноста на вчерашниот инцидент, тој побара од Кошаркарската федерација и останатите надлежни институции да ги преземат сите неопходни мерки за негово целосно расчистување и нагласи дека неопходно е во иднина сите заедно да работиме на спречување на секоја форма на насилство и агресија на спортските терени.

Scroll to Top