Top Sport

МЗТ до Федерацијата: До кога од наша сметка ќе си ја полните касата?

Челниците на МЗТ Скопје се незадоволни од односот што Федерацијата го има кон нив. Не им јасно како тие го толкувата и применуваат Правилникот за казни. Револтирани се од изречената казна од 16.000 денари за натпреварот против Работнички.

Од таборот на македонскиот првак решија преку соопштение да им се обрата на челните луѓе на Федерацијата.

Соопштението кое е објавено на официјалната страница на клубот го пренесуваме во целост.

„Екипата на МЗТ Скопје Аеродром е разочарана од односот на луѓето задолжени да ги толкуваат Пропозициите за натпреварување, како и од начинот на применување на казнените мерки, кои се максимално ригорозни на наша сметка и тоа за работи кои дури и не се предвидени во актите, како и за постапки кои се максимално зголемени на наша штета.

Тоа, првенствено, се однесува на казната од 16.000 денари по дербито со Работнички во „Градски парк“ и тоа за „навредување на националистичка основа“. Сите што беа на овој натпревар беа максимално зачудено поради ваквата санкција, со оглед што никој не слушна вакво скандирање од нашата навивачка група. Тоа и воопшто не се случи, а ако имало индивидуална навреда упатена кон некој од судиите, тој според актите има право да го отстрани од салата. Ние ниту можеме, ниту прифаќаме, ниту тоа е предвидено според правилата да бидеме одговорни за секој индивидуално изречен збор од присутните во салата, особено што на овој меч бевме во улога на гости.

Разочарани сме и од казната од 8.000 денари по мечот од 9. коло против Вардар за „навредување на учесниците на натпреварот“. Делегатот во својот извештај навел дека на трибините имало транспарент со содржина против КФМ, но не гледаме како луѓето од Куќата на кошарката се директни „учесници на натпреварот“ па да бидеме казнети за критики кон нив. Во минатото ваков член за навреда на предводниците во мак-баскетот имаше во пропозициите, но тој беше тргнат токму поради фактот што секој носител на јавна функција е подложен на критика и мора да го прифати тоа без да изрекува дополнителни казни. Некогаш тоа сме ние како управа, некогаш луѓето од КФМ, но гледаме зошто ние би плаќале за нешто што е исфрлено од актите, а искористен е член кој воопшто не кореспондира со случувањата на натпреварот.

МЗТ Скопје Аеродром, сезонава, кога гостува, е приморан да игра во темни сали каде што осветлувањето е далеку под потребниот минимум, со расипани технички и помошни уреди и со температура која реално е далеку постудена од бараната. Но, никогаш јавно не сме проговориле за тоа, ниту сме се побуниле, иако гледаме како казните за вакви прекршоци не се удвојуваат, иако во Пропозициите децидно пишува дека тоа треба да биде така. А, за нашето не носење лого на Федерацијата, само од причина што се коси со опремата која ни е потребна за настап на меѓународна сцена, комесарите не пропуштаат двојно да ја зголема казната за секој „прекршок“.

Како и да е, другите, едноставно, не нѐ интересираат, но не сакаме постојано да бидеме „жртвено јагне“ и клуб кој се користи за полнење на касата на КФМ и тоа со измислени казни. Нашиот тим со години наназад е синоним за македонската кошарка на просторот од поранешна СФР Југославија со настапите во Еврокупот, АБА1 и АБА2-лигите, но поради тоа не бараме да сме привилегирани туку само да бидеме третирани како еднакви со другите на домашна сцена. И повеќе да не бидеме искористени и казнувани за измислени прекршоци“.

фото/mztskopjeaerodrom.mk

Scroll to Top