Поранешниот предводник на Партизан, Хемофарм, Лукоил Академик и Игокеа, Србинот Жељко Лукајиќ, и официјално е назначен за нов тренер на МЗТ Скопје Аеродром. Искусниот тренер, како што информира клубот, попладнево ги завршил сите формалности околу потпишување договор со шесткратниот македонски шампион.
Договорена е соработка е до крајот на сезоната со можност истата да се продолжи за уште една година.
Лукајиќ доаѓа на местото на Александар Тодоров, кој поднесе оставка по завчерашниот пораз на домашен терен од Работнички и пред себе ќе има исклучително тешка задача да го разбуди тимот од Аеродром.
„Сино-белите“ во моментов се на последното место во АБА-лигата со скор 2-8 додека на домашна сцена имаат пет победи и три порази.
Србинот важи за тренер со цврста рака, чиј ангажман треба да делува како позитивен шок кај кошаркарите.
Негов последен клуб е босанска Игокеа, а има работено во екипи како Партизан, ПАОК, Хемофарам, Лукоил Академик и украинска Политехника. Искусниот стратег ќе нема многу време за аклиматизација со оглед што веќе задутре МЗТ Скопје го очекува најважниот меч досега во АБА-лигата, на домашен терен против Морнар.
Неговото пристигнување во Македонија се очекува во текот на утрешниот ден.
извор/kkmztskopjeaerodrom.mk