Top Sport

МЗТ лесно против Фени индустри

МЗТ Скопје е третиот полуфиналист на завршниот турнир во Купот на Македонија што денес започна во салата „Јасмин“ во Кавадарци. МЗТ во третото четвртфинале на турнирот го декласира Фени индустри 115:68 (34:28, 30:21, 27:12, 24:7).
Претходно место меѓу најдобрите четири екипи иборија Работнички и Блокотехна, а последниот полуфиналист ќе биде познат по одигрувањето на натпреварот Куманово-Гостивар.

Актуелниот македонски шампион и финалист во купот минатата сезона, МЗТ Скопје, лесно се справи до домаќинот Фени индустри, кој со една петорка имаше сили да му се спротивстави на противникот само во првото полувреме.

Првата четвртина донесе шутерско шоу на двете страни и вкупно 62 постигнати поени. Овој период МЗТ го доби 34:28, а во ист ритам ја одигра и втората четвртина која ја доби со девет поени (30:21).

Во второто полувреме кога Фени остана без здив МЗТ ги реши сите дилеми околу победникот, доколку воопшто и ги имаше на овој натпревар.

Шутерски МЗТ доминираше во текот на целиот меч, „аеродромци“ погодија 16 тројки од 26 обиди, а предводник беше Американецот Крафорд кој реализира шест тројки од седум обиди, а мечот го заврши со 24 поени, 3 скока и 5 асистенци.

Покрај Крафорд уште петмина кошаркари на МЗТ постигнаа двоцифрен број на поени: Трајковски, Лалиќ и Спасојевиќ постигнаа по 13 поени, а по 11 уфрлија Соколов и Минчев.

Кај Фени индустри Лавхир реализира 23, Петровски 17, а Вокер 11 поени.

МЗТ во полуфиналето в сабота ќе игра против Блокотехна.

фото/mkf.mk

Scroll to Top