Тежок инцидент се случил на патот од „ОАКА“ арената кон еден од хотелите во Атина по завршувањето на натпреварот помеѓу Панатинаикос и Барселона во Евролигата. Непознати лица ги нападнале судиите, а еден од нив завршил в болница.
Барселона синоќа го скрши петгодишното проклетство и успеа да победи во Атина. Барса со голем пресврт во последните 13 минути ги победи „зелените“ со 92:81. Натпреварот го судеа Луиџи Ламоника, Давид Јавор и Емин Моулкоч.
Тројцата судии, во друштво на Никос Пицилкас, со такси се упатиле од арената до хотелот каде што биле сместени, кога возилото според шпекулациите го нападнале навивачи на Панатинаикос.
Тие го оштетиле возилото, успеале дури и да ја отворат вратата во обид физички да се пресметаат со судиите.
Најлошо поминал Ламоника кој морал да ја посети најблиската болница. Подоцна во текот на ноќта, тој со полицска придружба бил вратен во хотелот. Полицијата го истражува инцидентот.
Инаку навивачите на Панатинаикос, често се непријателски расположени кон судиите, поттикнати од изјавите на првиот човек на клубот Димитрос Јанакопулос, кој често, а понекогаш и без некоја причина се жали на судењето.