Top Sport

НБА ѕвезда ја заврши кариерата поради срцеви проблеми

ЛаMаркус Олдриџ (35) ја заврши кошаркарската кариера. Иако неодамна стигна во редовите на Бруклин Нетс сакајќи да стигне до шампионскиот прстен, поради проблеми со срцето мораше да заврши со кошарката.

Олдриџ во соопштение до јавноста рече дека последниот меч против Лејкерси, на 11-ти овој месец го одиграл со неправилна работа на срцето. Ноќта по мечот ситуацијата му се влошила, па завршил во болница.

„Иако сега сум подобар, она што го почувствував таа ноќ беше најстрашното нешто во мојот живот. До сега кошарката ја ставав на прво место, а сега одлучив пред кошарката да го ставам здравјето и семејството“ порача крилниот центар.
Олдриџ пред 15 години беше избран како втор пик на драфтот од тимот на Портланд каде играше се до 2015 година. Тогаш потпиша со Сан Антонио, а на крајот на минатиот месец го раскина договорот со Спарси и потпиша со Бруклин.

Планираше во друштво на Харден, Дурант и Ирвинг да ја освои титулата. Во моментов Нетси се втори во Источната конференција.

Седумпати беше дел од „Ол-стар“ натпреварите, а кариерата ја завршува со просек од 19,4 поени и 8,2 скока по натпревар.

Ова се само дел од највпечатливите моменти од периодот додека Олдриџ настапуваше за Треилблејзерси:

Scroll to Top