Top Sport

НБА: Не запира серијата на Бостон

Крилниот играч на Оклахома Сити Тандер, Пол Џорџ и кошаркарите на Бостон Селтикс ја обележаа изминатата ноќ во НБА лигата. Џорџ го предводеше тимот до победата над ЛА Клиперс, а Бостон по стартните два порази ја забележа 11.победа во низа.

Крилото на Оклахома постигна 42 поени во победата над Клиперси 120:111. Исклучително израмнетиот дуел беше решен во последните три минути, период во кој Клиперси постигнаа само еден кош.

На Клиперси за да го избегнат поразот не им помогна ниту извонредната партија на Лу Вилијамс кој уфрли 35 поени.

Бостон по шокантниот старт (тешката повреда на Хејворд и двата порази) влезе во неверојатна серија. Селтикс имаат 11 победи во низа, а нивна последна „жртва“ беа Шарлот Хорнетс.

Бостон победи 90:87, иако на овој меч не настапи првиот центар Ал Хорфорд, а лидерот Кајри Ирвинг не го заврши дуелот.

Ирвинг се поввреди во последниот период, кога Шарлот имаше двоцифрена предност. Решавачка беше серијата 16:3 со која Селтикс го скршија противникот.

Џејсон Тејтум и Шејн Ларкин со по 16 поени беа најефикасни во редовите на Бостон, додека Вокер со 20 поени и 11 асистенции го предводеше Шарлот.

Милвоки Бакс победи во дуелот со Сан Антонио 94:87, во натпревар во кој за Милвоки дебитираше засилувањето од Феникс Ерик Бледсо.

Доминираше на теренот Јанис Адетокумбо со 28 поени, 12 скока, 5 асистенции и 4 блокади. Бледсо дебитираше со 13 поени, 7 асистенции и 4 скока.

Кај Спарси најефикасни беа Олдриџ со 20 и Џинобили со 18 поени.

Резултати:

Детроит-Атланта 111:104
Чикаго-Индијана 87:105
Феникс-Орландо 112:128
Јута-Мајами 74:84
Портланд-Бруклин 97:101.

Scroll to Top